Македонија 22. март 2020. / 09:10

Војската излегува на улиците да ги поддржи полициските сили и општините

Војската излегува на улиците да ги поддржи полициските сили и општините

Единици на Армијата на Република Македонија од денеска за време на вонредната состојба ќе треба да ги поддржи полициските сили и општините. Ваквата одлука е донесена на вчерашната владина седница.

На АРМ и се налага да се вклучи во обезбедување на граничната линија на државната граница со цел спречување на влез и излез на сите лица кои имаат намера да извршат нелегален премин, да врши контрола на влез и излез на патните правци кои водат кон населените места преку воспоставување мобилни пунктови и контролни точки во реоните за ангажирање, како и да врши физичко обезбедување на витални објекти кои се обезбедувани од Министерството за внатрешни работи.

Согласно владината Уредба, Армијата треба да ангажира сили и за поддршка на единиците на локалната самоуправа, органите на државната управа или на други државни институции со цел спречување на ширење на епидемијата и отстранување на последиците настанати од епидемијата за укажување помош заради спасување на луѓето и материјалните добра.

-Владата донесе Уредба со законска сила се утврдуваат задачите на Армијата на Република Македонија за време на траењето на вонредната состојба. Целта е поддршка на полициските сили на Министерството за внатрешни работи и поддршка на единиците на локалната самоуправа, органите на државната управа или на други државни институции за време на траењето на вонредната состојба, заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирус, информира владината прес-служба.