Македонија 27. декември 2020. / 09:00

Во земјите од ЕУ почнува вакцинација, соседите набавија, Македонија останува слепо црево

Во земјите од ЕУ почнува вакцинација, соседите набавија, Македонија останува слепо црево

Во ист ден денеска  стартува вакцинацијата против Ковид 19 во сите земји членки од Европската унија. Вакцината е достапна во ист момент за сите земји членки на Унијата.

Обезбедени се доволни количини на вакцината, односно за популација од околу 450 милиони луѓе.

„Вртиме нова страница во оваа тешка година. Денес  е ден кога ќе почне вакцинацијата. Вакцинацијата против ковид-19 започнува низ целата Европска унија.“, рече Урсула фон дер Лајен.

Таа рече дека се обезбеди вакцини за соседите во Европската економска област како што се Исланд или Норвешка.

Што се однесува до земјите во нашето опкружување тие веќе ги добија првите дози. Хрватска, Словенија, Бугарија, Грзија ги имаат вакцините, а се подготвува вакцинацијата.

Но, и нашиот сосед Србија, која не е дел од европското семејство уште пред неколку дена ја започна вакцинацијата со „Фајзер“. Оваа компанија прва ја доби дозволата за итна употреба на нејзината вакцина.

Според генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој по професија е доктор,  вели дека жално е кај нас што доцни набавката.

-За жал во Македонија се уште не знаеме кога ќе стигне вакцината. Ова е навистина жалосно. Ние сме како слепо црево во Европа и Западен Балкан. Повеќето држави околу нас ги набавуваат, кај некои држави стигна и ќе почнат со вакцинирање, некои пред нова година, некои после Нова година. За кај нас постојат претпоставки дека можеби во март ќе започнеме, но и тогаш е голем знак прашалник дали во март ќе стигнеме. Јас не би посакал, искрено го кажувам ова, да задоцниме и тоа да се случи април, мај, јуни, јули или подоцна од тоа, тоа би било катастрофално за нашата држава-вели Арбен Таравари.

Од Владата неколку пати најавија дека количина од 800 илјади дози од вакцината против Ковид 19 ќе пристигне на почетокот на 2021, додавајќи дека истата е обезбедена преку Ковакс системот. Бугарија се согласи да донира одредена количина, а се прават преговори за директна набавка од производителите. Но, кога точно ќе почне вакцинацијата, не се знае.