Дел од жителите на велешката населба Керамидна втор ден немаат вода за пиење и за други основни потребипоради санација на водоводната мрежа, замена на стари азбестни со полиетиленски цевки.
Некои од домаќинствата синоќа, по десетина часа прекин, повторно добија вода, но дел десетина домаќинства сè уште, веќе 28 часа, немаат вода во своите домови, ни за најосновни санитарни и хигиенски потреби.
Тоа се случува во услови на пандемија на КОВИД-19, кога водата е најнеопходна за редовна хигиена на рацете, што е предуслив за заштита.
Директорот на ЈКП „Дервен“ Антон Јовиќ за МИА информира дека нивни екипи синоќа не можеле да најдат еден од приклучоците за вода на оваа линија и при барањето не сакајќи удриле во цевка од канализациската линија и ја оштетиле. Нивни екипи сега забрзано работат на отстранување на дефектот и, како што најави, најдоцна за еден час и овие домаќинства повторно ќе бидат приклучени на водоводната мрежа.
-По вчерашните десетина часа без вода во населбата Керамидна, синоќа беше пуштена новата водоводна линија од 170 метри, заедно со приклучоците. Но се појави еден приклучок за кој ние не знаевме. Кога ја пуштивме водата, видовме дека тие не биле приклучени и дека немаат вода. Станува збор за десетина домаќинства. Денеска наши екипи копаа за да се најде и приклучи на мрежата тој дополнителен приклучок, но притоа удрија цевка на канализациска мрежа и ја оштетија. Сега се санира канализациската мрежа. Најдоцна од еден час ќе се пушти водата и до овие домаќинства во Керамидна, рече Јовиќ.
Замената на старата азбестна со нова полиетиленска линија почна на 9 ноември. Се работи за улицата „Луј Пастер“ во Керамидна, која води пругата Велес – Прилеп и по која има интензивен сообраќај.
Во првата фаза која се уште трае се санирани 170 од планираните 300 метри. Санацијата е со сопствени средства на ЈКП „Дервен“ информираше директорот Јовиќ.