На излезот од Тетово, на двете страни од реката Пена се наоѓа една од поголемите ромски населби во градот. Околу 150 нејзини жители живеат во импровизирани бараки во крајно тешки услови, нема асфалтирани улици, нема канализација, нема вода, нема струја. Оваа дива населба е формирана во првите години по осамостојувањето на Македонија, а значително се прошири после конфликтот на Косово во 1999, кога голем број Роми од оваа тогашна српска покраина побегнаа во Македонија. Нејзините жители преживуваат собирајќи пластични шишиња од контејнерите и од депониите, се бават со ситна трговија, а не ретко можат да се видат и како питачат по тетовските улици. Најголемиот дел од нив се социјални случаи. Но освен овие проблеми, дел од нив спаѓаат во онаа категорија граѓани наречени фантоми, бидејќи не поседуваат никаков личен документ.
Според анкетата што ја направија Здруженијата „Активлајф“ и „Романо Авази“, 13 лица од оваа населба немаат никаков личен документ, а додека десетина имаат само извод од Матичната книга на родените. Меѓу тие што немаат документи е и младата Барие Ковачи.
„Од документи имам само извод од книга на родени бидејќи овде сум родена. Други документи немам. Секаде сум била, и во полициска станица и кај ромските здруженија, ама џабе. Ми велат имаш извод ама немаш државјанство, а без државјанство не може да добијам лична карта и други документи. Имам три деца, а тие се уште намаат извод. Тие се породени овде во тетовската болница без здравствена книшка, без ништо. Бидејќи немав здравствена книшка морав да викам пред вратата од болница за да ме примат и да се породам. Така беше со трите деца. Знам дека полицијата три пати доаѓала овде во населбава за да утврди дека овде сум родена и дека овде живеам, бидејќи немав никаков документ да им покажам. Не само јас и моите деца, и маж ми нема документи, само извод од матична книга и ништо друго. Овде цело маало се без документи“, вели Барие Ковачи.
…