Македонија 22. декември 2018. / 18:26

Во судот стигнаа првите барања за амнестија

Во судот стигнаа првите барања за амнестија

Поднесени се неколку барања за амнестија во судот – неофицијално меѓу нив е и барањето на пратеникот Крсто Мукоски. Од судот велат дека точната бројка за тоа колку барања има во изминатите три дена ќе се знае дури во понеделник со оглед на тоа дека законот предвидува – барањето за амнестија да може да се испрати и по пошта, што најверојатно ќе се направи и во текот на викендов, пишува Алфа.

Инаку рокот за поднесување истекува во вторник а судот има рок од 5 дена да одлучи по барањата. Во зависност од одлуката на судот, обвинетиот има право на жалба пред второстепениот суд и истата треба да ја поднесе во рок од три дена, а судот по истата да одлучи за дополнителни три дена. Освен судот, законот за амнестија предвидува по барањата да се произнесе и јавниот обвинител.

Во меѓувреме обвинителката Рускоска веќе изјави дека законот за амнестија е непрецизен и незадоволна од законското решение вели дека за барањата кои ќе пристигнат до обвинителството последниот збор ќе го има судот, а преквалификација на делото нема да има.

Минататa недела реагираше и правната фела – Политичарите го искомплицираа законот за амнестија и време е да ги тргнат рацете од правосудството порача универзитетскиот професор Калајџиев. Според него почисто решение била целосна амнестија а во овој случај особено спорно било тоа што се вклучуваат и судовите и обвинителството. Значи врз основа на закон што го донело Собрание, по мислење на обвинител, со решение на суд, по барање на обвинетите е едно чудно решение, искоментира Калајџиев и процени дека законот ќе има правни последици.