Со симболично предавање на клучот од страна на градоначалникот Коста Јаневски на младите од Струмица денеска беше отворена „Европска куќа“, катче за дружење на младите и негување на европските вредности.
На отворањето присуствуваа и Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир и премиерот Зоран Заев, кои го проследија перформансот на младите и го посетија новиот простор за младите во Струмица.
Претседателот на Владата, Зоран Заев истакна дека многу е значајно што Делегацијата на Европската Унија го спроведува овој проект врз основа на сознанијата и сугестиите што дојдоа од преку 30 јавни дебати со младите луѓе во нашата земја во повеќе градови.
-Кога ќе речеме „Европска куќа“, тогаш зборот куќа не го го толкуваме како нешто што означува архитектонски објект, туку како-дом. А каде што има дом, таму има и семејство. Најчесто Европската унија ја нарекуваме европско семејство. Ако е тоа така, тогаш оваа „Европска куќа“ што денес ја отвораме, не е ништо друго туку европски за младите струмичани, потенцираше премиерот Заев.
Амбасадорот Гир подвлече дека Струмица заедно со Крива Паланка се првите општини надвор од главниот град кои се домаќини на европски куќи.
-Идејата за Европската куќа се роди како одговор на барањата коишто средношколците ги презентираа на дебатите кои ги имаа со Делегацијата на ЕУ ширум земјата и ние ги послушавме. Ние како Делегација на ЕУ одлучивме да го замениме претходниот ЕУ-Инфоцентар со Европската куќа во Скопје која што им обезбеди на младите луѓе простор каде што можат да го развијат критичкото размислување, да се вмрежуваат, меѓутоа исто така и да се ангажираат во обликување на европската иднина на земјата, но исто така и да се забавуваат. Позитивното искуство со Европската куќа во Скопје исто така не импресионираше да отвориме вакви места за новата генерација и во другите градови на Република Северна Македонија и еве не, рече Гир.
Градоначалникот Јаневски во обраќањето рече дека младите струмичани веруваат во европските идеали и дека е возможно и сосема реално живеејќи и делувајќи во сопствената земја да се живее и делува во ЕУ.
-Токму поради тоа верувам дека не случајно Струмица е еден од двата македонски града во кои се отвора едно прекрасно катче наречено Европска куќа. Овој модерен простор е плод на одлична соработка помеѓу Делегацијата на ЕУ и општина Струмица, а целосната реализација на овој прекрасен проект е на ЕУ откако просторијата ја обезбеди општина Струмица, посочи градоначалникот на Струмица.
Програмата за отворањето почна синоќа со светлосна инсталација и настап на локални музичари и уметници. На денешното официјално имаше активности на отворено во малиот парк лоциран спроти објектот во Струмица со учество на локални млади луѓе од хип-хоп танцовото студио „One Way“, графити од уметникот Сашко Николовски, спортисти, уметници, како и Младите европски амбасадори и аташеа од Северна Македонија.
Вечер се планира „light аrt“ инсталација внатре во Европска куќа, како заокружување на денот на отворањето.