Дуи во Собранието влегува со нови пратеници, а меѓу нив е Исмаил Јахоски, сопственикот на компанијата „Пуцко Петрол“, но ова е засега според непотврдената проекција која на ДУИ му овозможува 15 мандати во законодавниот дом, објавува „Фактор.мк“.
Јахоски, инаку актуелен градоначалник на Пласница, е на второто место на кандидатската листа за изборната единица 5, од каде што во Парламентот влегуваат уште Талат Џафери и Арбана Пашоли.
Од изборната единица 1 влегуваат Изет Меџити и Арбен Зибери, сега веќе поранешниот директор на Центарот за јавно здравје – Скопје, кој беше разрешен неодамна пред самите парламентарни избори на барање на министерот за здравство, Венко Филипче, откако ја злоупотреби функцијата во кампањата.
Зибери мораше да ја напушти функцијата откако пласираше неточни изјави во јавноста со што го наруши угледот на членовите на Комисијата за заразни болести.
Од ИЕ2 влегуваат Арбер Адеми, Берат Ајдан и Мерита Коџаџик, а од „шестката“ се Али Ахмети, Флорин Фаит, Арта Биљали-Зендели, Насер Нуредини, Бајрам Реџепи, Вјолца Љатифи-Адам и Бајрам Кадрија.