Македонија 11. април 2020. / 11:45

Во регионот Македонија е втора по смртноста на заразени пациенти со корона вирусот

Во регионот Македонија е втора по смртноста на заразени пациенти со корона вирусот

Со 16 смртни случаи на еден милион жители, Македонија е на второт место од земјите во регионот по смртност предизвикана како последица на корона вирусот. Најмалку тестирања во регионот се извршени во Албанија и Србија, а на дното се и БиХ и Бугарија која ветуваше масовни тестирања.

Според последните достапни податоци, Словенија регистрира 22 смртни случаи на еден милион жители. Шест помалку има Македонија, следуваат Турција со 12, БиХ со 11, во Грција 9, Албанија и Србија по 8, Хрватска 5, Бугарија има регистрирано 4, додека на дното е Црна Гора со регистрирани 3 смртни случаи на 1 милион жители.

По бројот на заразени, на врвот со 558 лица на 1 милион жители е Словенија, исто толку има и Турција. Следува Црна Гора со 417, Хрватска со 364, Србија 355, а во Македонија 341 заразени на 1 милион жители. Во долниот дел од табелата се наоѓаат БиХ со 275 заразени, Грција 193, Албанија 145 и Бугарија 93 заразени на 1 милион жители.

Според бројот на тестови Словенија убедливо води со 15.896 тестирања на 1 милион жители, речиси за пет пати повеќе од Црна Гора која е втора со извршени 3708 тестирања. Следуваат Турција и Хрватска со 3643 односно 3559 тестирани. Грција извршила 3409 тестирања, а Македонија со 3154 тестрања се наоѓа во вториот дел од табелата. После нашата земја по бројот на тестирања на 1 милион жители следуваат Бугарија со 2663, БиХ со 2016, Србија 1630, а најмалку тестови се извршени во Албанија 1176.