Деновиве во МНР се спроведуваат нови дисциплински постапки, овој пат против тројца дипломати, случајно повторно членови на МДС, кои во своето слободно време, во сабота, имале настап на трибина на тема македонската дијаспора.
За грев не им е земено тоа што имале настап вон МНР, ниту пак содржината на нивните излагања, која била беспрекорна. Напротив, содржината на нивните настапи на перфектен начин се вклопила во она што, инаку, би требало да го прави јавната дипломатија на МНР – да им се помогне на нашите иселеници како да се справат со различните конзуларни аспекти во време на пандемијата и сл.
– Станува збор за релативно млади дипломати со неспорен квалитет, интелектуалци кои имаат знаење и став да даваат свој придонес во јавната дебата по важни прашања. Апсурдот да е поголем, дури и тие што им ги поднеле пријавите посебно нагласиле дека се работи за најквалитетниот дел од службата, на кои тие, како нивни шефови секогаш можеле да се потпрат. Со еден збор, иднината на македонската дипломатија, велат од Дипломатскиот синдикат.
Во постапката е потврдено дека овие тројца млади дипломати на ниту еден начин не го нарушиле угледот на куќата ниту пак го нарушиле угледот на МНР. За грев им е земено само тоа, што за своите настапи не побарале согласност од Министерот. Само тоа. Притоа, постапката се повикува на (не)славниот Етички кодекс на МНР, кој предвидува ваква обврска за вработените.
– Поттикнати од вакво едноумие, МДС деновиве поднесе барање до Уставниот суд за прогласување на оваа одредба за ништовна. Не само што ваквата одредба на Етичкиот кодекс е спротивна на Кодексот донесен од МИОА, туку е во спротивност и со највисокиот акт на државата, Уставот, со кој недвосмислено се заштитени, како дел од основните човекови права и слободи, слободата на јавната мисла и правото на настап, оценуваат од Синдикатот.
МДС се бори за остварувањето на работните права, но и за дигнитетот на дипломатската професија и дигнитетот на дипломатите. Дипломатите не се ничија сопственост за да робуваат на наметнати ограничувања во нивното слободно време. Впрочем, тоа и законите го пропишуваат. Уставот гарантира слобода на јавна мисла и јавен настап и ниту еден подзаконски акт, па ни законски, не можат оваа слобода да ја ограничат.
– Согласно обвинувањето, се чини дека дисциплинските постапки за “тројцата непослушни” се сведуваат на истерување на его на Министерот, кој нели, иако спротивно на уставот, сепак инсистира да биде прашан, иако никаде не е регулирана постапка ниту рок за негов одговор, па најчесто дипломатите се чудат колку ќе треба да чекаат, а состојбите не го дозволуваат тоа, велат од Синдикатот.
Додаваат дека ваквиот однос на МНР протежира “папет” дипломатија, потиснување на иницијативноста, креативноста и лидерството на дипломатите, за сметка на клиентелизмот, принципот на незамерување и климање со глава во стилот “да, шефе”.
Нашата држава има доволно закони со кој би се спречило објавување на класифицирани информации или би се нарушувал угледот на МНР на некаков јавен настап и поради тоа не постои потреба од овој “Етички кодекс”, чија единствена задача се чини е да обезбедува на мала врата можност за малтретирање и шиканирање на вработените што не му се по мерка на шефот.
– Вчера не се “судеше” на двајца дипломати наши членови. МНР всушност покрена дисциплинска постапка против слободата на јавната мисла, навлегувајќи во приватните животи на дипломатите и наметнувајќи им се во нивната слобода на изборот. МДС нема да се согласи никогаш со создавање клонови и безгласни букви, туку ќе се бори за содвавање на модерна дипломатија, каде што ќе се форсираат проактивните и иницијативните дипломати. Токму тие се шанса нашата дипломатија да го повратат разнишаниот од многуте болни афери углед на нашата дипломатија, реагираат од Синдикатот.
Иако оваа година сеуште не ја премина средината, Македонскиот дипломатски синдикат уште сега ги предлага тројцата дипломати за следната титула Дипломати на годината 2020.