Во евиденцијата на Министерството за здравство за изминатите 24 часа се забележани двајца новопочинати. Едниот е 55-годишен пациент од Прилеп, кој во ГОБ „8 Септември“ бил хоспитализиран на 22 април и 13 дена приклучен на респираторна машина. Другиот е од болницата во Битола каде што почина пациент хоспитализиран на 4 мај, кај кого посмртно било потврдено присуство на вирусот.
Од почетокот на епидемијата во земјава починати од вирусот Ковид-19 се 88 луѓе, а вирусот е потврден кај 1.539 лица, од кои активни случаи се 394. Една третина од вкупниот број заразени (515) се во Скопје, а следна општина по број на дијагностицирани е Куманово со 402. Случаи со потврден вирус има во уште 26 градови.
Потврден е случај на зараза кај вработен во општината Кисела Вода поради што од локалната самоуправа соопштија дека до 12 мај нема да работат со странки, а пет колеги кои биле во контакт со инфицираниот ќе бидат во карантин. За состојбата во Општина Кисела Вода информиран е и Центарот за јавно здравје. На странките кои имаат прашања до Општината им е препорачано да се обратат телефонски.
На Инфективната клиника вчера бил примен еден пациент, а во ГОБ „8 Септември“ има пет нови пациенти. Во болницата во Битола се лекуваат тројца пациенти, во штипската болница четворица, а на ифективните одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Охрид и Тетово се хоспитализирани 54 позитивни и суспектни на Ковид-19.
Во штипскиот регион се регистрирани 34 случаи, од кои двајца се починати. Над 80 отсто од случаите се оздравени, меѓу кои и здравствените работници и тие се на своите работни места.
Во Прилеп вчера беа евидентирани тројца новозаболени, а девет пациенти се оздравени од заразата. По еден излекуван пациент има и во општините Крушево и Пласница.
Во Тетово во изминатото деноноќие првпат немало лица кои се упатуваат за 14-дневна изолација во нивните домови како суспектни на корона вирусот. Немало потреба од издавање решенија од Државен санитарен и здравствен инспектора или изјави за самоизолација.
Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека Владата наскоро ќе донесе одлука за отворање на кафетериите и рестораните, но и дека за угостителскиот сектор ќе следува и нова поддршка од државата откако ќе бидат отворени, а се работи и на протокол со кој ќе се овозможи повторно отворање на градинките и нивно безбедно функционирање.