Македонија 26. јуни 2019. / 14:24

Во Македонија 19% од младите до 24 години пробале дрога

Во Македонија 19% од младите до 24 години пробале дрога

Речиси девет отсто од граѓаните пробале нелегални дроги во текот на животот, а тоа го сториле и 19 отсто од младите на возраст од 15 до 24 години. Околу 1,1 отсто од граѓаните пробале опоидни дроги, а околу 6.800 ги употребуваат со инјектирање. Има деца на возраст од 10 години кои пробале психоактивни супстанции, но најважно е што тие нема каде да се лекуваат.

Ова денеска ја прес-конференција по повод 26 јуни, Меѓународен ден за борба против дрогата, го истакна извршниот директор на ХОПС, Ивица Деновски, кој рече дека направиле истражување за состојбата со лекувањето зависности во Скопје, Охрид и Штип.

Менаџерот за застапување во Здружението ХОПС – Опции за здрав живот, Влатко Деков рече дека се уште нема решение за дислоцирање на Центарот за лекување зависности, што се наоѓа во Кисела Вода, иако Министерството за здравство пред извесен период најави дека проблемот ќе биде решен за шест месеци. Во меѓувреме, посочи, имаше одредени обиди за дислокација на Центарот во друга населба, но бизнис секторот на таа локација се спротивстави на нејзиниот избор.

Од ХОПС ги поздравија иницијативите кои се однесуваат на тоа дека пристапот до лекување за опијатна зависност е без листи на чекање, за дисперзија на лекувањето со бупренорфин, еден од супститутите за лекување на опијатна зависност во повеќе градови и постоењето придружни програми за заштита на здравјето на луѓето кои употребуваат дроги.

И покрај тоа што лекувањето е достапно во 10 градови, сепак на многу локации луѓето треба да патуваат и по неколку часа за да си го подигнат лекот. Околу 1.800 луѓе во државава се лекуваат од болести на зависност, што споредено со проценетата бројка на луѓе кои употребуваат дроги претставува една третина од оние кои имаат потреба за лекување, што е под европскиот просек, рече Цековски.