Тензично во скопско Љуботен, припадници на финансовата полиција и единиците за брзо распоредување неколку часа претресуваа куќи и објекти за каде се сомневаа дека се врши шверц со тутун.
Селото од рано наутро беше како под опсада со силно полициско присуство и хермелини, а запленетиот тутун заедно со машините за негова преработка по завршувањето на акцијата беа транспортирани со полициски камиони. Акцијата започнала во 5 часот наутро, а од финансовата полиција соопштија дека акцијата се спроведува бидејќи се сомневаат за криумчарење со акцизна стока и царинска измама. Ситуацијата ескалираше кога полицијата веќе привршуваше со акцијата и се подготвуваше да си замине, во тој момент за кратко беше избегнат физички инцидент.
Сопственикот на една од куќите каде беше запленет тутунот тврди дека тој е негов и чесно го заработил. Претседателот на месната заедница пак вели дека ова е удар врз сите жители на селото кои во најголем дел преживуваат од производството на тутун.
Во акцијата како што информираат од финансовата полиција биле запленети над 12 тони на тутун, и од таму додаваат дека според нивните информации, со нелегалната продажба и била нанесена штета на државата од близу 7,5 милиони евра.
По неколкучасовната акција, полициските екипи си заминаа од селото, а граѓаните останаа гневни, велат дека им е сторена голема неправда.