Во минатите 24 часа во Ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 50 нови пациенти поради компликации од корона вирусот.
Како што информираат од Министерството за здравство, вкупно 478 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
-Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 19 приеми и тоа тројца пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца во ковид-центарот на Клниката за неврологија, двајца болни се хоспитализирани на ОРЛ, двајца на Клиниката за дерматовенерологија, осум пациенти на Клиниката за гастроентерохепатологија и еден на очната клиника. Во ковид-центарот во ГОБ 8 Септември имало 12 нови приеми на пациенти од кои еден пациент е веднаш ставен на респиратор. На Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден имало 18 приеми – информираат од Министерството, од каде додаваат дека во минатите 24 часа дома се пуштени 37 оздравени пациенти.
И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 40-тина слободни места, а се очекува во текот на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември.