Македонија 27. август 2018. / 18:37

Во кампањата за референдумот активно учество ќе земе 71 пратеник, Милошовски бојкотира, ВМРО – ДПМНЕ ќе се изјасни во среда

Во кампањата за референдумот активно учество ќе земе 71 пратеник, Милошовски бојкотира, ВМРО – ДПМНЕ ќе се изјасни во среда

Пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, ДПА, Алијансата на Албанците, Беса, како и двајца независни пратеници или 71 пратеник, до претседателот на Собранието, Талат Џафери, испратиле допис со кој го информираат дека нивните пратеници ќе земат активно учество во јавната кампања за референдумот на државно ниво, кој ќе се одржи на 30-ти септември 2018-та година и дека се изјаснуваат „ЗА“ референдумското прашање, информираа денеска преку соопштение од Собранието.

Во соопштението се наведува и дека пратеникот Антонијо Милошоски, како поединец пратеник испрати допис дека ќе учествува во кампањата со бојкотирачки став, бидејќи е против референдумското прашање, додека ВМРО-ДПМНЕ се уште нема доставено известување, а според најавите од координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, тоа ќе го сторат в среда.

На денешната координација со која раководеше Талат Џафери, присуствуваа потпретседателите и координаторите на сите пратенички групи освен, како и досега, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ иако, како и сите координатори, и координаторот на ВМРО-ДПМНЕ беше известен од петокот за терминот на одржување на координацијата, информираат од Собранието.

Од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери велат дека на координацијата уште еднаш било потенцирано дека пратениците нема да добиваат пари, туку Собранието ќе закупи медиумски простор, и истиот, според изјаснувањето, ќе биде пропорционално поделен, а Собранието формирало и Координативно тело за подготовка и спроведување на јавната кампања кое ќе го раководи претседателот на Собранието, Талат Џафери.