Но, како што анализираат дел од поранешните дипломати, е добра шанса францускиот лидер директно да ја изложи визијата – дали и кога Македонија може да се надева да излезе од европската чекална, во која практично е заглавена 15 години.
За поранешниот амбасадор Огнен Малевски, притисокот врз Макрон е едвидентен, по низата реакции и во самиот Брисел и од Вашингтон. Очекува на средбата со претседателот Пендаровски очекува да доминираат прашањата за преостанатите реформи и фер и демократски избори во април.
Првиот тест, Македонија ќе го има на Советот за општи работи на 19-ти месецов во Брисел, каде според најавите, се очекува Франција да ја презентира новата нацрт – методологијата за процесот на проширување.
Неофицијално, како што пренесува РТС, Париз планира да понуди предлог, според кој, земјите кандидатки без да чекаат да станат полноправни членки, ќе можат побрзо да ги користат бенефитите на Унијата во областите, во кои би покажале напредок. Од друга страна, преговарачкиот процес да биде реверзибилен и земјите да можат да ги загубат погодностите во случај на назадување во одредена сфера.
Евроамбасадорот Жбогар не сака да се впушта во коментари за новата методологија, иако од Париз стигнаа вести дека во Елисејската Палата веќе сериозно се работи на контурите на новата реформа.
До мајскиот Самит во Загреб преостануваат два лидерски самита. Првиот во декември и вториот во март, кога се очекува Франција да соопшти дали ја променила позицијата за Западен Балкан.