Од денеска во Битола отворен е пункт за скиринг од Ковид-19, а на барање на Петровска се очекува согласност од СВР-Битола на влезовите во градот да се врши запирање и дезинфицирање на сите моторни возила. Од Општина Битола информираат дека локалните јавни претпријатија ќе продолжат со дезинфекција на објектите од надлежност на локалната самоуправа, Градскиот пазар продолжува со работа, а ЈП „Пазари“ утврди задолжително растојание меѓу продавачите, додека пак Сточниот пазар е затворен.
Општинскиот кризен штаб на Штип денеска по вториот координативен состанок ги соопшти и новите мерки што ќе се преземат за поголема заштита на населението од ширење на вирусот Ковид 19. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски на денешната прес-конференција истакна дека во изминатите 24 часа има четири тестирани лица од регионот, и сите се негативни.
– Од денеска е отворен пункт на паркингот кај Здравствениот дом „ Панче Караѓозов“ за тестирање на граѓани. Од утре паркингот позади ЈЗУ „Панче Караѓозов“ ќе биде затворен за движење на возила од 8 до 14 часот поради формирањето на овој пункт. Но апелирам дека тестирањето се врши исклучиво со упат од матичен лекар, вели Бочварски.
Посочува дека поради тоа што до денеска немаат никакви информации за вршење дезинфекција на влезовите во станбените згради од страна на куќните совети, Оптина Штип ќе пристапи кон вршење на дезинфекција, а како што вели Бочварски нема да дозволат да бидат набљудувачи во ваква вонредна состојба, затоа што здравјето на граѓаните е пред се.