ВМРО-ДПМНЕ побара јавна расправа околу најавената нова концепција за основно образование, која наиде на жестоки критики од целата македонска јавност.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски, изјави дека заради широкиот јавен интерес кој се разви во врска со најавената реформа на основното образование, пред повеќе од една недела е побарано да се организира јавна расправа за ова прашање од исклучителна важност.
– Лично верувам, дека мнозинството граѓани би се согласиле со ставот дека е потребна реформа на основното образование. Сепак постои дилема, дали патеката, пристапот и методологијата одбрани од страна на Министерството за образование и наука е правилна. Затоа е исклучително важно ова прашање да биде предмет на јавна расправа во Собранието во текот на која ќе имаат можност да се вклучат и еминентни претставници на академската заедница, експерти, а пред се и засегнатите страни како што се наставниците кои најнепосредно ќе бидат вклучени во реализацијата на евентуално прифатениот нов концепт. Токму преку една транспарентна дискусија експертската заедница и јавноста ќе дадат свој придонес за прашањата кои се од големо значење за иднината на Македонија, а тоа е образованието и воспитувањето на младите, истакна тој.