Македонија 05. октомври 2018. / 18:40

ВМРО-ДПМНЕ: Кривична пријава за злоупотреба на гласови на референдумот

ВМРО-ДПМНЕ: Кривична пријава за злоупотреба на гласови на референдумот

ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава за повеќе од 200 лица поради како што влеат од партијата злоупотреба на над 50.000 гласови и полнење на гласачки кутии за време на референдумот.

Станува збор за претседатели, заменици претседатели, членови и заменици членови на избирачки одбори на избирачките места во општините Струга, Центар Жупа, Кичево, Желино, Боговиње, Пласница и Сарај појаснуваат од партијата. Од ВМРО – ДПМНЕ и денеска побараа оставка од државниот јавен обвинител.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за Канал 5 вели дека нема да си поднесе оставка и нема да дозволи мешање на политиката во одлуките и работењето на јавното обвинителство.

– Ценам дека до овој момент постапувањето на Јавното обвинителство е согласно на законски дадените надлежности. Јавните обвинители успешно итно и приоритетно одговорија на сите кривично правни настани регистрирани за време на референдумот. Обвинување од било кого за постапувањето на Јавното обвинителство во врска со референдумот ценам дека е неаргументирано, неосновано и политички мотивирано. “ – изјави Љубомир Јовески, државен јавен обвинител.

Јавното Обвинителство регистрирало 40 нарушувања поврзани со остварување на правото на глас и референдумот, денеска информираше јавниот обвинител Џељаљ Бајрами.

Тој објасни дека еден од настаните се случил пред референдумот,а другите за време на референдумскиот ден. Бајрами рече дека по електронски пат се доставени 15 информации.

Од обвинителството посочија дека тие немале сознанија дека на референдумот се полнеле гласачки кутии, но дека ќе постапуваат по сите пријави кои ќе бидат дополнително доставени.