Македонија 14. март 2021. / 08:39

Властите најавуваат поголеми количини вакцини кон крајот на месецот

Властите најавуваат поголеми количини вакцини кон крајот на месецот

Во Македонија досега пристигнаа осум илјади вакцини Фајзер и три илјади Спутник V, со првите се вакцинираат и ревакцинираат здравствените работници, а вакцинирањето за повозрасните со вторите почна во средата во поликлиниката „Јане Сандански“.

Властите најавуваат дека кон крајот на месецот ќе пристигнат поголеми количини.

Претседателот Стево Пендаровски во интервју за ТВ 21 во четвртокот излезе со став дека Ковакс механизмот потфрлил. Нагласи дека тоа веројатно е поради тоа што Ковакс механизмот е гломазен и затоа што има околу 180 земји партиципиенти.

-Со европскиот солидарен фонд се случи истата работа. Во овој момент, да не се сфати како оправдување за нашите власти, не постои европска држава во моментов, ниту една членка на Европската Унија, каде што граѓаните се доминантно задоволни од тоа како тече процесот на вакцинација, истакна Пендаровски.

Тој појасни дека има три начини да се дојде до вакцини – Ковакс механизам, кој е глобален, практично во позадина е Светската здравствена организација, која ги собира сите апликанти, Европската Унија преку таканаречениот солидарен фонд и третиот начин е билатерално, директно како држава да комуницираш со производителите или дистрибутерите.

Премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека државава има нарачано околу два милиони и 350 илјади вакцини и оти се очекува од крајот на месецов да почнат да пристигнуваат поголеми количини.

Во однос на вакцинацијата во земјава, директорката на Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје, Милена Стевановиќ во интервју за МИА рече дека е добро организирано и засега тече без проблеми.