Македонија 14. јануари 2021. / 07:30

Власта не го повлекува Законот за попис, опозицијата ќе го „соборува“ со собирање потписи

Власта не го повлекува Законот за попис, опозицијата ќе го „соборува“ со собирање потписи

Пратенциите денеска на пленарна седница втор ден ќе дебатираат за донесување на Законот за спроведување на пописот.

За опозицијата овој попис ќе биде само политичка операција затоа што не биле прифатени нивните забелешки и најави дека ќе го „собори“ со собирање потписи. За власта пописот ќе биде исклучиво статистичка операција.

Опозицијата бара Законот за попис да биде повлечен од Собранието во спротивно нема да ги признае резултатите од истиот доколку биде спроведен без консензусот кој тие го бараат. Забелешките се однесуваат околу попишувањето за време на пандемија, имајќи пред вид дека многу држави веќе ги откажаа пописите, потоа за попишување без документи само преку матичен број и за попишувањето надвор од државата преку електорнска пописница.

-И за ова ги повикуваме сите граѓани без разлика на нивната политичка припадност или неприпадност без разлика на нивната етничка и верска припадност да ни се приклучат и придружат затоа што на Македонија и е потребен попис кој што ќе даде одговор на статистичките дилеми а не повторно попис кој што ќе биде политички и попис кој што нема да даде одговор на прашањата кои што ја засегаат македонската јавност. Доколку и покрај тоа и овој предлог закон одлучи владејачкото мнозинство да го игнорира и да ја игнорира волјата на илјадници десетици би рекол стотици илјади македонски граѓани тогаш ВМРО-ДПМНЕ јасно кажува дека резултатите од овој попис нема намера да ги признае и идните раководители на институции кои што ќе бидат избрани како предлог на ВМРО-ДПМНЕ резултатите од овој попис немаат намера да ги почитуваат., изјави од партиското седиште лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Овие ставови на лидерот ги бранеа и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на собраниската говорница. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека за нив е неприфатлив ваквиот закон и дека ќе гласаат против.

-Од самиот почеток баравме државен консензус за ова прашање, а не владино-коалициска одлука на партиите од власта за начин, односно формата за спроведување на пописот. Испуштивте шанса, од самиот почеток да дадете легалност и легитимитет, односно доверба на статистичката операција-наречена попис, нагласи Мицевски.

Пратеничката од СДСМ Снежана Калеска-Ванчева праша дали „Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да се знае колку сограѓани живеат во земјава а колку во странство“ и дека е целосно нејасно зошто им пречи пописот.

-СДСМ и парламентарното мнозинство нема да прифатат никакви уцени од страна на деструктивецот Христијан Мицкоски. Нема да го повлечеме Законот од Собраниска процедура ниту пак ќе поддржиме неразумни предлози за одлагање на пописот. Оваа земја цели 18 години нема спроведено попис и никој нема право да го кочи или одолговлекува, рече таа.

Пратениците од албанскиот опозициски блок пак бараат посебна државна комисија која треба да го спроведе пописот која во својот состав ќе има и албанци. Сепак, најавуваат дека ќе гласаат за законот, но ќе го следат пиписот и резултатите од него.

Законот за попис влезе во Собранието пред Нова година во скратена посптака со европско знаменце. Во дводневната комисиска расправа беа одбиени сите амандмани на опозцијата. Расправата на пленарна седница трае три дена.