Македонија 28. јануари 2020. / 14:40

Власта и опозицијата на отворена дебата за Законот за обвинителство

Власта и опозицијата на отворена дебата за Законот за обвинителство

Законот за јавно обвинителство влезе во собраниска процедура. Се бара приближување на ставовите на власта и опозицијата на јавна расправа во рамки на парламентарната Комисија за политички систем. Единствена точка на дневен ред е „Јавното обвинителство како ефикасен орган во борба против корупцијата“.

На јавната расправа, покрај политичките претставници,  учествуваат и домашни и странски експерти, како и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, на што инсистираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Токму неговото неприсуство беше причина претставниците на ВМРО-ДПМНЕ да ја напуштат средбата на партиските работни групи со министерката за правда Рената Дескоска во Собранието.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на власта и забележуваат дека со законот сака повторно да го воскресне СЈО и да ги заштити криминалците од своите редови. Тврдат дека се залагаат за закон кој ќе биде неселективен и пред кој ќе можат да одговараат сите граѓани, а не за некој да биде привилегија, а за некој обратното.

По серијата неуспешни обиди за договор меѓу влста и опозицијата, прашањето за законот за ЈО повторно се актуелизира по неодамнешната посета на еврокомесарот Оливер Вархеи на Скопје, кој порача дека би било добро сегашниот парламентарен состав пред распуштањето да го донесе законот, што би било добар знак упатен до земјите-членки на ЕУ во контекст на очекуваната одлука за отворање на преговорите за членство на земјава во Унијата.

И амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во земјава на минатонеделната средба со премиерот Оливер Спасовски истакнаа дека носењето на законот за јавно обвинителство, иако не е услов за евроинтеграциите, ќе биде добра порака за определеноста на сите политички субјекти во земјава за дијалог и владеење на правото.