Кој му доставил информации на Бојан Јовановски дека има истрага против него, запраша на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ пратеникот Владимир Ѓорчев, посветена на случајот „Рекет“ и новите детали од исказот во обвинителството на веќе осудениот, третообвинет Зоран Милески-Кичеец.
Ѓорчев рече прво побара потврда дали новите детали се од судењето на Кичеец за „Рекет“ и ако се од тој предмет, дали се тие веродостојни.
-Вчера во дел од македонската јавност видовме информации за сведочењето на Зоран Милески – Кичеец. Прашањето е дали навистина тие зборови се зборови коишто ги кажал Зоран Милески – Кичеец? За овие зборови чекаме потврда дека тоа е од судењето на Кичеец. Прашањето е дали е ова веродостојно сведочење и дали се ова зборовите на Зоран Милески? Па, потоа дали и кој од врвот на власта на Зоран Заев му доставил податоци на Бојан Јовановски во врска со истрагата на МВР, дека тој е всушност осомничено лице, запраша Ѓорчев.
Според него, ако е навистина така, тогаш се наметнуваат и други прашања, дали и колку пати Зоран Заев се среќавал со Бојан Јовановски и Зоран Милевски, дали, кога и колку пати еден куп министри се среќавале со Бојан Јовановски? Ова, според Ѓорчев, се важни прашања за кои македонската јавност со право чека одговори.