Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 30-та седница ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести, поддржани и од Главниот координативен штаб за дополнителни рестриктивни мерки во периодот од 18 декември до 20 јануари.
Владата ја прифати препораката да се забрани организацијата и одржувањето на било каков тип на новогодишни прослави и прослави на верските празници, како и забрана за организирање на Нова Година на отворен и затворен простор во организација на сите физички и правни субјекти, вклучувајќи ги и јавните институции, и во оваа насока им се укажува на општините, како и на сите организации основани од локалната самоуправа, дека се забранува било какво групно собирање и организирање на прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници и доколку истите веќе имаат организирано, да се откажат.
Во овие мерки е вклучена и забрана за хотелите за организирање на прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници и доколку истите веќе имаат организирано новогодишни прослави, да ги откажат како и функционирањето на хотелите да биде во рамките на веќе усвоените протоколи за работа.
Во угостителско сместувачките објекти (хотели, мотели, хостели и слично) во нивните ресторани се ограничува работното време до 21 часот и да работат исклучиво за пансионските гости и само за време на послужување на оброците, и се ограничува работното време во кафетериите, баровите и шанковите во угостителските сместувачки објекти заклучно до 18 часот.
Со овие дополнителни мерки, Владата им укажува на верските заедници за забраната од организирање и групно собирање на, во и околу верските објекти, по повод претстојните верски празници, вклучително и со препораките за прослави во домашни услови, во викендици и низ разни објекти во туристичките локации на територијата на Република Северна Македонија.
Новите мерки опфаќаат и забрана за давање под наем на викендици и други туристички капацитети за сместување на територијата на Република Северна Македонија, за групно собирање и организирање на прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници, освен за давање под наем на лица од едно исто семејство.
За успешно спроведување на мерките Владата препорачува засилени контроли и инспекциски надзори од страна на полициските службеници и надлежните инспекторати за почитување и спроведување на мерките и препораките за заштита од КОВИД-19, во претстојниот период на новогодишни и верски прослави кои ќе започнат да се применуваат од 18 декември 2020 година до 20 јануари 2021 година.