Македонија 22. мај 2020. / 08:56

Владата ставена на Танталови маки денеска ќе одлучува за полициски час за Бајрам

Владата ставена на Танталови маки денеска ќе одлучува за полициски час за Бајрам

Владата денеска треба да соопшти дали ја прифаќа препораката на Комисијата за заразни болести за воведување на продолжен полициски час за време на престојниот празник и тоа од сабота од 19 часот до вторник до 5 часот.

Ако се земе предвид дека бројот на заболени не се намалува, туку напротви само во последните 24 часа се регистрирани 40 новозаразени логично е Владата да ја послуша Комисијата и да ја прифати нејзината препорака.

Сепак, при носењето на одлуката мора да се земат предвид уште неколку работни.

Поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи, преку писмо до Владата јасно укажа на тоа дека нема намера да се откаже традиционалниот намаз за Фитер Бајрам во џамиите поради полицискиот час, но и дека верниците ќе ја загубат довербата во Владата доколку за големиот празник се воведе полициски час, потенцирајќи дека довербата ќе се загуби во пресрет на изборите.

Воведувањето на полицискиот час како што се најавува ќе ги иритира верниците од исламската заедница, бидејќи цел месец по ред во ниту еден викенд не беше воведен полициски час, нешто што автоматски се подразбира дека ова намерно се прави за да не може да се дозволи олабавување на намазот на Фитер Бајрам кој се обавува еднаш годишно и трае само 15 минути. Додека утринскиот (сабах ) намаз ќе се обавува дома, пишува во писмото.

Од Исламската верска заедница вчера соопштија дека донеле низа мерки кои треба да се спроведат во секоја џамија на 24 мај. Дел од нив се да се избегнат поздравите со физички контакт, традиционалните посети да бидат што помали, задолжително носење маска, одржување на хигиена на рацете со дезинфекциони средства при влез и излез од џамијата или да се носи ракавици.

Вчера својот став на седница на главниот Координативен кризен штаб го искажа и министерот  за внатрешни, Наќе Чулев, кој вели дека е  потребно да им се даде време на граѓаните да ги извршат своите приватни обврски во текот на викендот.

-Мојот став е ограничувањето на движење од 58 часа не е добро, од причина што граѓаните се под притисок, бидејќи овие мерки траат веќе повеќе од два и пол месеци, изјави Наќе Чулев за телевизијата Сител.

Останува да се види како надлежните органи ќе реагираат на ваквите изјави и барања на граѓаните од исламска вероисповед, дали ќе воведе продолжен полициски час и доколку воведе дали ќе се казнуваат верниците за одење во џамија за едне од најголемите празници во оваа религија.