Македонија 12. ноември 2018. / 20:22

Владата со 50 милиони денари ќе ги “поткупува” весниците

Владата со 50 милиони денари ќе ги “поткупува” весниците

Одлуката на власта, финансиски да ги поддржи печатените медиуми со 50 милиони денари наиде на жестоки реакции од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Опозиционерите ја обвинуваат власта дека на овој начин и во весниците ќе може да се прочита само пропаганда и убави вести поврзани со работата на Владата. Парите ќе бидат делени до медиуми блиски до власта без никакви критериуми, вели пратеникот Илија Димовски.

Франција ги субвенционира своите печатените медиуми поради поддршка на францускиот јазик. Но, ние немаме одговор дали е поради тоа. Дали ќе се финансираат медиуми само на македонски јазик или ќе се финансираат медиуми и на албански на турски јазик, на ромски, на влашки на бошњачки, дали ќе се запази и тоа?“; рече Илија Димовски пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ тврдат дека им помагаат на пишаните медиуми бидејќи полека изчезнуваат како резултат на технолошкиот развој и улогата на интернетот.

Печатените медиуми се единствената искра надеж дека објективното информирање, ќе продолжи и дека ќе се сопрат лажните вести кои во огромни количини, секојдневно се шират во етерот“изјави Томислав Тунтев, пратеник на СДСМ.

Опозицијата категорична, велат во програмата која СДСМ ја вети на граѓаните пред избори, немало ваков проект.

Сега кога сте во власта се вртите 180 степени и она на што до вчера сте фрлале дрва и камења, сега го правите дупло повеќе“, рече Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

На крајот на расправата за овој предлог закон 54 пратеници гласаа ЗА, двајца беа воздржани а против гласаа 23 народни избраници. Со ова, мнозинството донесе одлука пишаните медиуми да добијат 50 милиони денари од државната каса. Но, засега не се знае колку и кои медиуми ќе ги добијат народните пари.