Сега, за непочитување, се предвидени глоби кои изнесуваат 20 евра за физички лица и од 500 до 2 000 евра во денарска противвредност за правни лица
Владата размислува дали да ги зголеми паричните казни за неносење маски за заштита од ковид-19.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави и повеќе контроли во угостителските објекти и на собирите на граѓаните.
Важно е дека обемот на работа на полициските службеници е зголемен и правиме сѐ што треба да биде направено во овој момент за сите оние што не ги почитуваат мерките, односно кои прво не се почитуваат самите себеси и не ги почитуваат своите семејства со тоа што не се заштитуваат и се изложуваат на ризик да бидат зафатени со инфекцијата. Ќе мора да носат некаква одговорност. И тоа ќе се случува понатаму и во угостителски објекти и на собирањата за да се влијае на оние што не ги почитуваат мерките и со тоа директно ги загрозуваат живот и здравјето на граѓаните. Во Владата разговараме во однос на зголемувањето на казните и ќе се цени дали има потреба од тоа или не, изјави денеска Спасовски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Полицискиот центар во Ѓорче Петров.
Тој тврди дека казните се наплаќаат и сега, но со усогласување на потребните закони со Законот за прекршоци, кои се доставени во Собранието уште пред распуштањето поради изборите, тоа ќе биде многу полесно. Спасовски очекува тие наскоро да бидат ставени на дневен ред и Собранието да ги изгласа.
МВР секојдневно преку соопштенија информира колку граѓани во изминатото деноноќие биле казнети за неносење лична заштита. Нивната бројка во последниот месец се движи од 300 до 600. Анализата на овие податоци покажуваа дека бројката е непроменета со месеци.