Македонија 04. октомври 2018. / 09:32

Владата притиска кон двотретинско мнозинство во Собранието, изборите се последна опција

Владата притиска кон двотретинско мнозинство во Собранието, изборите се последна опција

Обезбедување двотретинско мнозинство за усвојување на уставните измени во Собранието, кои произлегуваат од Договорот од Преспа, е во фокусот на Владата следните денови, иако не е исклучена опцијата, како последна легална алатка, да се одржат и предвремени парламентарни избори. Премиерот Зоран Заев веќе посочи дека доколку се оди на избори тие би се одржале кон крајот на ноември, а како можен датум го посочи 25 ноември.

Примарна цел на Владата во моментов се разговори со пратениците за да се обезбеди двотретинско мнозинство. Став на Владата е дека Собранието и сите политички партии треба да ја следат волјата на граѓаните искажана на референдумот.

– Процесот во моментот е во Собранието и интенцијата е да се обезбеди двотретинско мнозинство – изјави вчера владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Владата очекува дека пратениците од опозицијата ќе ја следат волјата на граѓаните.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров вчера на својот ФБ профил истакна дека со убедливото мнозинство граѓани кои излегоа да гласаат на референдумот и дадоа поддршка за Договорот од Преспа, должност е да се оди напред со или без нови избори.

Тој на Фејсбук објави статус насловен „Факти за референдумот“.

– Да имаше еден, ЕДЕН глас ПРОТИВ повеќе, ќе се поклоневме и ќе креневме раце. Но, со вака убедливо мнозинство „ЗА“, наша должност кон народот е да најдеме начин да зачекориме напред, без или со нови избори – вели шефот на дипломатијата.

Поддршката на меѓународната заедница за напорите на Владата да обезбеди двотретинско мнозинство, да ги истера измените и да продолжи да ја носи земјата на патот до ЕУ и НАТО е повеќе од евидентна. За поддршка на процесот вчера се огласи и владејачката германска ЦДУ/ЦСУ, сестринска партија на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во рамки на Европските народни партии.

Заменик-претседателот на парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ во германскиот Бундестаг, Јохан Давид Ваделул истакна дека со над 91 процент од гласовите „За“, гласачите во Македонија дадоа огромна поддршка за европскиот пат и за поголема перспектива на нивната земја во ЕУ и НАТО.

ЦДУ/ЦСУ смета дека опозицијата не смее да ја блокира перспективата на Македонија за НАТО и ЕУ. Предупредуваат дека неуспехот на договорот за името ќе ја изолира земјата на долго време.