Македонија 09. септември 2020. / 15:47

Владата одлучува за враќање на хронично болните на работа

Владата одлучува за враќање на хронично болните на работа

Владата денеска решава за враќање на хронично болните на работа. Според информациите на Телма, барањето на неколку здруженија на лица со хронични болести, за допрецизирање на критериумите за враќање нема да го одложи носењето на оваа одлука, бидејќи како што информираат од Владата, дел од нивните барања се веќе испланирани во начинот на враќање на овие лица на работа. Датумот од кога хронично болните ќе се вратат на работа допонително ќе се утврдува, но како што дознаваме, враќањето би било од идната недела.

Хронично болните веројатно од идната недела се враќаат на работа, дознава Телма. Препораката на Комисијата за заразни болести, лицата со хронични болести и малигни заболувања, по шест месеци да се вратат на работа е на дневен ред на денешната седница на Владата. За датумот од кога тие ќе се вратат на работа ќе се решава дополнително, но како што дознава Телма, враќањето би стартувало од идната недела.

Од работни обврски и понатаму ќе бидат ослободени само оние за кои лекар-специјалист ќе укаже дека имаат влошување на состојбата со болеста. За таа цел, како што дознаваме, ќе се менува правилникот во Фондот за здравствено осигурување за издавање на боледување, со што ќе им се овозможи лекарите-специјалисти тие да издаваат боледувања со траење од по неколку месеци, но и тие да бидат филтерот, дали некој исполнува услов да биде ослободен од работа врз основ на хронична болест.

Лекарите-специјалисти да бидат тие кои ќе носат одлука кој хронично болен е, а кој не е во ризик да се врати на работа во услови на Ковид-19, бараат и девет здруженија на пациенти со хронични болести, но со прецизни критериуми за тоа и тоа да се одвива чекор по чекор.

Став на здруженијата е дека во критериумите кое лице треба да се врати на работа освен самата болест треба да бидат и терапијата т.е. лекувањето и работното место на кое се наоѓа пациентот.

За своите барања тие утре ќе разговараат со министерот за здравство Венко Филипче, при што, како што најавија, ќе ја понудат и својата помош за утврдување за критериумите за враќање на хронично болните на работа.

Од владата за Телма велат дека со измените ќе избегнат и злоупотребите со ослободување од работа, со оглед дека во моментов не може да се утврди точната бројка на лица кои ја користат мерката за ослободување од работа врз основ на хронична болест.