Од Владата не сакаат да коментираат дали разрешувањето на директорот на струшкиот затвор, Арменд Шаќири, е поврзано со полициската акција во Струга. Барањето за оставка Шаќири го поднел пред неколку дена, но причините не се наведени.
– Шаќири поднел барање за разрешување до Владата и тоа вчера беше разгледано и прифатено. Нема да коментираме постапки за кои се надлежни други органи, како полициската акција спроведена изминатите денови – рече владиниот портпарол Муамет Хоџа.
Викендов МВР соопшти дека била спроведена голема полициска акција во Струга и Струшкиот Регион за сузбивање криминална група која продавала дрога и оружје. Полицијата приведе седуммина, а еден е во бегство. Осомничените веќе издржувале затворска казна, но од отворен тип. Под истрага се повеќе лица, меѓу кои и еден инспектор од полициската станица во Струга, а според неофицијални информации се сомничат и вработени во затворот кои ја злоупотребиле службената положба и им помагале на затворениците.