Владата ги поништи одлуките на техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, за разрешување и именување на вршители на должност директори на центри на социјална работа во неколку градови.
Како што се наведува во објава на владиниот профил на Фејсбук, тие именувања биле спротивни на законот.
Поништени се решенијата за разрешување од должност и именување на вршители на должност директори во јавните установи – меѓуопштински центри за социјална работа во Штип, Битола, Пробиштип, Валандово, Прилеп и Радовиш.
– Одлуката на техничката министерка Рашела Мизрахи за разрешување и именување на в.д директори на центрите за социјална работа е донесена спротивно на чл.46 став 2 од Законот за Влада: „Дополнителниот заменик на министерот заедно и рамноправно со министерот учествува во остварувањето на надлежностите предвидени во Законот за организација и работа на органите на државната управа – се наведува во објавата.
Од Владата нагласуваат дека со оглед на тоа што целта за избор и на техничкиот министер и на дополнителниот заменик на министер е организација на изборите за пратеници во Собранието, сите правни и кадровски прашања потребно е заедно и рамноправно да се разгледуваат и за истите заедно и рамноправно да се носат одлуки односно да се одобруваат, што следствено ќе биде верификувано со акт/документ кој ќе биде потпишан во случајов од министерката и од дополнителната заменичка на министерката.
– Техничката министерка спротивно на Законот и со притисок врз вработените во архива (со писмена наредба) ги донела решенијата за разрешување и решенијата за именување на други вршители на должност директори во јавни установи – меѓуопштински центри за социјална работа – се додава во објавата на Владиниот фејсбук.