Македонија 15. мај 2020. / 14:01

Владата ќе бара од претседателот продолжување на вонредната состојба за уште 30 дена

Владата ќе бара од претседателот продолжување на вонредната состојба за уште 30 дена

Владата на денешната седница донесе заклучок да достави предлог до претседателот на државата за продолжување на вонредната состојба за уште 30 дена.

Во соопштението од владината прес-служба се наведува дека аргументите за ваквиот предлог ќе бидат содржани во извештај за досега преземените активности од државните институции.

На оваа седница Владата го дополни и го усвои протоколот со препораки и упатства за службените патувања на функционерите, со заклучок дека за секое службено патување предвидено со оваа одлука одобрување треба да даде Главниот координативен кризен штаб на Владата, исклучиво ако тоа службено патување е поврзано со справување со пандемијата со ковид-19 и со прашања за евроатлантските процеси на нашата земја.

За 13.30 часот е закажана седница на националниот Совет за безбедност на кој треба да се разговара токму за вонредната состојба.