Македонија 04. јули 2019. / 22:37

Владата го усвои Предлог законот за климатските промени

Владата го усвои Предлог законот за климатските промени

Владата денеска го усвои Предлог законот за ратификација на Амандманот од Доха на Протоколот од Кјото кон Рамковната конвенција на ООН за климатски промени.

Во соопштението на владината прес-служба беше наведено дека климатските промени, коишто се случуваат поради зголемената концентрација на емисии на стакленички гасови како последица од човековите активности, како што се согорување на фосилни горива, дефорестација и зголемени емисии на метан, се едно од најважните прашања во 21 век. Како одговор на тие растечки влијанија, меѓународната заедница ја договори Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, којашто беше потпишана на Самитот во Рио, во јуни 1992 година и стапи на сила во март 1994 година.

Исто така стои и дека за да се зајакнат целите на Конвенцијата, во 1997 година беше усвоен Протоколот од Кјото кон рамковната Конвенција на ООН за климатски промени, чија крајна цел е намалување на емисиите на стакленички гасови за најмалку 5 отсто во споредба со нивоата во 1990 година.