Македонија 20. ноември 2020. / 09:11

Владата денеска ќе прогласи кризна состојба, станува менаџер и на приватните болници

Владата денеска ќе прогласи кризна состојба, станува менаџер и на приватните болници

Владата најдоцна до вечер денеска се очекува да прогласи кризна состојба на територијата на целата земја во траење од 30 дена поради исклучително сериозната состојба со ковид-19.

Ова значи дека државата ќе менаџира и со приватните болници и нивниот медицински кадар за поуспешно справување на корона-кризата односно поуспешно лекување на се поголемиот број на заразени со ковид-19.

Кризната состојба нема да значи ограничено движење односно полициски час, но ќе продолжат да важат препораките да не се излегува без потреба по 21 часот и да нема групирања, да се почитуваат сите мерки, особено мерките за лична заштита.

Во болниците и натаму има наплив од пациенти – два ката од зградата на Интерните клиники се речиси исполнети, се подготвува уште еден кат – на одделенијата на Клиниката за уво, нос, грло и на Клиниката за очни болести, каде што од денеска ќе се примаат ковид-пациенти.

Министерот Венко Филипче по состанокот на Советот за безбедност рече дека нè чека критичен период во кој ќе има потреба од болнички капацитети. Спремни се да ангажирааат и дел од хируршките клиники и дека се прави севкупен план кој ќе ги вклучи сите ресурси. Во ГОБ „8 Септември“ се веќе пополнети првично планираните 80-90 кревети и во следниот период, посочи тој, можно е поради огромен притисок таму да запре системот „МојТермин“ и да се сместат повеќе пациенти.

– На располагање ќе бидат и капацитетите на сите приватни болници и клиники, како и кадарот кој таму работи. За кратко време ќе направиме проценка со сè што се располага и во таа смисла заеднички со нашите државни капацитети ќе направиме и план за работа, рече Филипче.

Во текот на вчерашниот ден Министерството за здравство соопшти дека вкупно 1258 пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава и дека има околку 60 слободни болнички кревети во ковид-центрите, напомнувајќи дека ситуацијата се менува од час во час.

Во 24-часовната статистика за вчера беа регистрирани 1198 новозаразени од 3081 тестирање. Речиси половината од нив (572) се во Скопје, а висок број нови случаи имаа и Битола (92), Прилеп (53), Штип (49), Велес и Охрид по 42, Куманово (41), Струга и Струмица по 34, Кичево (33), Тетово (28), Свети Николе (20).

Починаа уште 26 луѓе, од кои осуммина од Скопје. Меѓу починатите вчера беа двајца 35-годишници – од Битола и од Охрид и 37-годишен пациент од Струга. Од почетокот на епидемијата во земјава, пред речиси девет месеци, вкупниот број заразени достигна 51 213, оздравени се 30 204, починати 1423. Активни случаи има 19 586, од кои 9479 се во главниот град.