Македонија 04. јули 2018. / 15:29

Владата демантира: Вицепремиерот Лика доаѓа на работа – прераспределбата на „рамковните вработувања“ е во тек

Сите членови на Владата, вклучително и вицепремиерот Хазби Лика, ги извршуваат своите обврски и задачи предвидени со законските прописи, вклучително и вицепремиерот Хазби Лика, вели портпаролот на Владата Муамет Хоџа, одговарајќи на новинарско прашање по информациите кои кренаа прашина во јавноста и на социјалните мрежи дека вицепремиерот за спроведување на рамковниот договор Лика веќе два месеци не оди на работа, бидејќи бил лут на лидерот на ДУИ Али Ахмети затоа што не го поддржал во внатрепартиската битка.

-Вицепремиерот Хазби Лика доаѓа на работа и секојдневно ги извршува своите обврски, рече на денешната прес-конференција владиниот портпарол Мухамед Хоџа одговарајќи на новинарско прашање.

Со оглед на тоа дека вицепремиерот Лика го раководи Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, Хоџа појасни дека без проблеми се одвива и постапката за прераспределба на вработените кои не одеа на работа, одговарајќи дали со отсуството од работа на Лика е блокирано и прераспределувањето на вработените по Рамковниот договор кои не одат на работа, а земаат плата на места кои се соодветни на нивното образование.

Според информациите од Секретаријатот, додаде Хоџа, тие наскоро треба да излезат со податоци колку од нив потпишале договори за распределба во државните институции и колку се во фаза на потпишување. Најави дека се подготвува и втор план за распределба и на втората група од околу 700 вработени.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски, пак, побара малку повеќе трпение за прераспределбата на административците вработени по Рамковниот договор. Вели дека оваа Влада ги исполнувала обврските и не заборавала на проблемите.

-Имајте малку повеќе трпение за прераспределбата на административците вработени по Рамковниот договор, бидејќи проблемот е децениски и не е едноставно целиот процес да заврши за еден месец. Се работи за голем број луѓе и повеќе институции кои се вклучени. Ние овој проблем го решаваме и ќе го решиме и тој не е во корелација со тоа кој колку е присутен на работа или не е. Ова е процес зад кој стои Владата и ќе биде завршен до крај, рече Бошњаковски.

Согласно првиот план, чија реализација е во тек, на работни места треба да се распоредат 958 вработени кои не одеа на работа.