Македонија 15. мај 2020. / 20:26

Владата да одговори како синот на Боро Малборо добил лиценца за марихуана, бара Пендаровски

Владата да одговори како синот на Боро Малборо добил лиценца за марихуана, бара Пендаровски

Претседателот на државата Стево Пендаровски побара образложение од владата зошто фирма чиј управител е синот на поранешниот градоначалник на струмичко Ново Село Боро Стојчев, осуден за шверц со цигари, добила лиценца за одгледување канабис за медицински цели.

-Ја видов таа уредба и да побарате образложение од Владата таа или слични такви зошто се сега баш донесени. Па плус прашање зошто на тој човек му се дадени, споменуван сега во медиумите како човек кој се бави со некаква недозволена трговија и шверц на цигари, рече Пендаровски во Отворено студио на ТВ 24.

Одлуката е донесена на владина седница пред еден месец, а пред два дена е објавена во службен весник. Компанијата „Еко енерџи“ чиј управител е Перо Стојчев, син на поранешниот градоначалник на струмичко Ново Село Боро Стојчев, кој е осуден за шверц со цигари, регистрирана лани во април, а сопственици се двајца македонски и еден бугарски државјанин.

Сомнежи за клиентелизам во овој случај изрази и ВМРО-ДПМНЕ. Портпаролот Димче Арсвски во дебата на ТВ 21 синоќа го обвини СДСМ дека во време на криза, доделува лиценци за вносен бизнис на фирми блиски до власта.