Македонија 08. јануари 2019. / 17:30

Вкупно 67 вакцини со погрешни декларации биле испорачани во здравствените домови

Вкупно 67 вакцини со погрешни декларации биле испорачани во здравствените домови

Вкупно 67 вакцини МРП со погрешни декларации биле испорачани во здравствените домови во Скопје, Велес, Свети Николе и Демир Хисар, а дистрибутерот „Македонијалек“ може да биде казнет парично од 25.000 до 50.000 евра, но може да му биде одземена и лиценцата за работа и да се раскине договорот. Згрешена е само декларацијата на македонски јазик со напишан рок за употреба од претходната серија, а вакцините против мали сипаници се исправни и безбедни и со добар рок за употреба до мај и јуни 2019 година.

Ова беше кажано на денешната прес-конференција во Министерството за здравство, свикана по информациите кои се појавија во јавноста за можно присуство на вакцини со истечен рок. Родител пријавил на социјалните мрежи дека на кутијата од вакцината стои дека рокот е изминат, а оваа вест стасала и до Центарот за информирање во Министерството.

– При увозот на оваа серија вакцини го проверивме и „студениот ланец“ и квалитетот на вакцините, кои е добар, потоа тие се преземени од дистрибутерот, кој има обврска да ги лепи декларациите. На вакцината стои исправниот рок на употреба, по грешка е залепена стара декларација со рок од претходната увезена серија. Ние не им ги даваме декларациите, туку компаниите увозници на лекови сами ги печатат и тука е направена грешката – не смеело таква стара декларација да се стави на вакцини од нова серија. А медицинските работници кои ја ставаат вакцината на децата го гледаат рокот на самата вакцина, кој е добар, а згрешен е рокот на кутијата – рече директорот на МАЛМЕД, доц. д-р Ќахил Ибраими.