Жестока реакција има раковотството на ВМРО-ДПМНЕ на денешното сведочење пред судот на Зоран Верушевски.
Висок извор од партијата за „Лидер“ коментира дека тоа што Верушевски практично го „амнестира“ екс директорот на УБК Сашо Мијалков за нелегалното прислушување, практично значи дека на сите им е јасно оти Мијалков е во пазар со СДСМ и семејството на премиерот Заев.
-Ако до денес имаше било каков сомнеж дека Сашо Мијалков е во соработка со Заеви, од денес нема ни најмала… Верушевски со двете сведочења и пред некоја недела и сега практично го амнестираше Сашо Мијалков за прислушувањето иако на сите им е јасно дека како екс директор на УБК одговорноста е диреткно негова. – вели за „Лидер“ високиот извор од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Мијалков беше исклучен од ВМРО-ДПМНЕ, поради тоа што му се натовари дека во дослух со власта организирал 8-те пратеници од оваа партија да глсаат за промена на името.
Наспроти очекувањата поранешниот разузнавач Зоран Верушевски да се дообјасни за својата улога во вадењето на нелегално снимените разговори од УБК, тој денеска внесе дополнителна конфузија, со тоа што, наместо да одговара на конкретни прашања, тој вината за прислушувањето ја префрли врз Никола Груевски.
Денеска на неговото второ сведочење во судот тој изложи теорија дека СЈО згрешило и оти поранешниот премиер требало да биде првоосомничен во случајот „Таргет-Тврдина“. Елаборираше на оваа тема, иако го прашуваа сосема други работи што немаа врска со тоа кој е највиновен.
-Специјалното јавно обвинителство направило круцијално поместување од лицето што требало да биде првоосомничено. – академски дефинираше Верушевски.
Тој денеска зборуваше на долго и на широко, често надвор од темата и употребуваше флоскули кои на моменти наликуваа на пасуси подвлечени во учебници по безбедност и по демократија.
„Киша око Крагуевца, зборува како да е на факултет“, ваков коментар се слушна од вториот ред во судницата каде што седеа вработените од УБК, осомничени за прислушувањето.
-Со тешко срце ќе го споменам оној што според мене требаше да биде првоосомничен, поранешниот премиер Никола Груевски. А, СЈО ќе треба да објасни зошто не е осомничен – потенцираше Верушевски по молбата на судијата да ги именува луѓето за кои зборува.