Македонија 16. јуни 2020. / 09:35

Висок е процентот на заразени без симптоми: Ресен ново жариште на Ковид-19 по семејна прослава

Висок е процентот на заразени без симптоми: Ресен ново жариште на Ковид-19 по семејна прослава

Вкупниот број на потврдени со КОВИД-19 од почетокот на епидемијата до вчера се искачи на 4157, а на починати е 193. Во вчерашниот билтен на Министерството за здравство беа евидентирани 103 нови случаи со вирусот од 841 направено тестирање, а пет пациенти починаа. Активни има 2241 случај.

Најголем број од новите случаи (46) се во Скопје. Ново жариште во изминатите пет дена стана Ресен со 19 дијагностицирани лица, а првите  потекнуваат од семејна прослава. Министерот за здравство Венко Филипче повторно апелираше дека само со одговорно однесување ќе се намали бројот на заразени, но и  за да се намали притисокот врз здравствените институции што ги третираат заболените од вирусот за да може што поскоро да бидат отворени сите болници и клиники за потребите на граѓаните.

Поради бранот на новозаразени во изминатите неколку дена, прекината е редовната програма на хронични интервенции во болниците, се извршуваат само итни и неопходни со примена на сите заштитни мерки.

Без одговорно однесување и почитување на мерките, рече Филипче, и враќање на  рестриктивните мерки нема да биде добра опција зашто  секое следно нивно попуштање, како што рече, повторно ќе нè соочи со зголемен број заразени, ќе нè враќа на почеток и состојбата нема да може да се нормализира и стабилизира.

Во болниците вкупно се хоспитализирани 318 пациенти, т.е. 14 отсто, а 86 отсто се лекуваат во домашни услови. Дополнителен капацитет ќе има и со монтажната болница која е целосно подготвена и достапна за лекување на пациентите со коронавирус.

-Факт е дека се соочуваме со силен бран на епидемијата. Тоа што охрабрува е дека има висок процент на асимптоматски и пациенти со лесна клиничка слика кои се наоѓаат на домашно лекување рече Филипче и соопшти дека има и кревети и опрема, но дел од  медицинскиот персонал е во изолација и се надополнува си ротација и со засилување од други градови.