Македонија 15. ноември 2019. / 11:19

Вишиот управен суд потврди: Антикорупциска недозволиво покренала прекршочна против Иванов

Вишиот управен суд потврди: Антикорупциска недозволиво покренала прекршочна против Иванов

Државната комисија за спречување корупција се уште не ја има добиено одлуката на Вишиот управен суд во врска со прекршочната постапка поведена против поранешниот претседател Ѓорге Иванов во врска со назначувањата во АРМ, само неколку дена по распишувањето на годинешните претседателски избори.

За одлуката прочитав во медиумите. Се уште не ја имаме официјално добиено. Прво да ја добиеме, да ја разгледаме, па ќе можеме да ја коментираме, вели за Лидер.мк претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Според Вечер.мк, Вишиот управен суд ја отфрлил жалбата на Антикорупциската комисија како недозволена, со што ја потврдил првостепената одлука на Управниот суд, кој одлучи дека Комисијата не била во право кога отворила прекршочна постапка против екс-претседателот Иванов.

Според образложението на Судот, причина за поништување на решението на ДКСК било тоа што немало докази оти за време на избори на унапредените генерали им биле исплатени повисоки примања и поради фактот што Иванов немал можност да се брани во контрадикторна постапка, а не му било доставено решението на Комисијата, туку само објавено на нејзината веб-страна. Дополнително, според Судот, противуставно е да се укине веќе стекнат офицерски или генералски чин.

Иванов покрена постапка пред Управниот суд, зашто Антикорупциската комисија незаконски и надвор од своите надлежности отвори прекршочна постапка против него за унапредувањата во АРМ пред изборите.  Претседателот на државата и врховен командант е уставна, а не правна категорија. Оттука, антикорупционерите немале право да покренат прекршочна постапка. А, доколку претседателот прекршил некој закон, за тоа треба да одлучува Уставниот суд.

Но, ова, за жал, не важеше и за новиот претседател и врховен командант, кој токму врз одлуката на Антикорупциската комисија донесе нови укази за истите лица од АРМ. Притоа, тројца од нив беа поставени на други должности. Тука, во центарот на вниманието воопшто не е врховниот командант, туку неговите советници, пред се, тој за правни прашања, кој не можел и не смеел да превиди дека претседателот на државата е уставна, а не правна категорија.

Одлуката на Вишиот управен суд е уште еден удар врз Антикорупциската комисија за релативно кратко време. Минатата недела Јавното обвинителство ја отфрли нејзината иницијатива за покренување кривична одговорност за ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“,  Никола Јанкуловски.

ДКСК е институција од која јавноста очекува решителна борба против корупцијата. Меѓутоа, ваквите нејзини пропусти отвараат сериозни сомнежи за нејзина дневно-политичка (зло)употреба со што и се трасира пат да ја доживее неславната судбина на поранешното СЈО.