По два викенда со целосна забрана за движење овој викенд е првиот со скратен полициски час. Забраната за движење почна вчера од 15:00 часот, а ќе трае до понеделник во 5:00 часот наутро. Од понеделник остануваат одредбите дека полицискиот час почнува од 19 часот секој ден, а трае до 05 часот следниот ден.
Надлежните најавија дека по првомајскиот празник ќе се разгледува опцијата за извесно олабавување на мерките и постепено враќање во нормала на животот во земјава. Но, сепак осстанува прашањето каков ќе биде следниот продолжен викенд?
Први мај е во петок, а тој ден е официјално неработен, но и ден кога граѓаните излегуваат надвор – па и на излетнички места. Нема официјална потврда за тоа дали сепак забраната за движење ќе го опфати и тој ден, но се тврди дека тоа е многу извесно.
Според новите мерки што ги однесе Владата во средата, заштитната опрема задолжително треба да се носи во сите затворени јавни места каде што има повеќе лица како маркети, продавници, банки, пошти, здравствени установи, како и при користење на јавен превоз. На отворено заштитна опрема задолжително се носи на пазари и на отворени простори каде нема можност да се одржува физичката дистанца од два метра до другите лица во близина. На отворено заштитна опрема не се носи само ако се престојува во дворот, или терасата од сопствените домови, на велосипед, при спортување на отворено или во патничко возило со лица со кои живеете во заедница или домаќинства.
Вчера Министерството за здравство направило рекодни 728 тестирања, а потврден бил 41 нов случај на Ковид-19 и тоа во: Скопје -17, Куманово -8, Прилеп -8, Тетово -4, Струга – 1, Велес -2, Битола -1.