Нема крај на градежниот хаос во Охрид. Затворено градилиште заради отстапување од проектот, продолжува да работи веднаш откако ќе заминат инспекторите на општината, пишува Вечер.мк
Сајтот објави видео на кое се гледа дека забраната кратко траела. Лентата која била поставена од инспекторите само неколку денови после затворањето била остранета, а на градежната парцела се продолжило со изградба на објектот.
Имено, на 2 мај инспекторите на Општина Охрид затворија градилиште кое се наоѓа во центарот на градот, веднаш до општинската зграда, а како што беше соопштено, инвеститорот кој изведувал градежни работи и копал темели за градба на зграда, излегол надвор од проектот, а воедно немал поставено ниту заштита за околните објекти од можни одрони на земјиштето.
Иако објектот имал дозвола за градба, сепак бил затворен затоа што инспекцијата констатирала отстапување од проектот при ископот на темелите, поради што го оградила просторот со жолта лента.
Охриѓани реагираат зошто градилиштето беше спектакуларно затворено, кога само по неколку денови лентата беше отстранета и се продолжува со градење. Тие прашуваат како е можно општинските инспектори да не забележале дека повторно се гради кога градилиштето се наоѓа до општинската зграда?