Колку долго ќе трае битката против корона вирусот зависи од секој од нас. Зависи од нашата одлука дали ќе ги почитуваме мерките за лична заштита или ќе дозволиме да се изложиме себеси на ризик, а со тоа и нашите најблиски и целата наша околина, рече во видео обраќање претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кое го објави на неговиот фејсбук профил.
Тој упати апел со неколку препораки како граѓаните да се заштитат од корона вирусот:
– носете маска или друга заштитна опрема со која ќе ги штитите носот и устата
– често мијте раце и не ги допирајте очите, лицето и носот;
– држете дистанца од луѓето околу вас и не се групирајте;
– вршете дезинфекција во домот, а особено на вашите работни места.
Мораме да ги почитуваме овие мерки, додаде Заев, но и да им укажеме на нашите пријатели, роднини, колеги дека треба да го прават истото.
– Само на овој начин ќе го заштитиме сопственото, но и здравјето на нашите најблиски, рече Заев, додавајќи дека во периодот кој следува вака ќе пазариме, вака ќе одиме на работа, ќе посетуваме кафулиња.