Македонија 27. септември 2018. / 22:58

(Видео) Во Брисел почна дводневниот скрининг за Македонија

(Видео) Во Брисел почна дводневниот скрининг за Македонија

Денеска, формално, почна објаснувачкиот скрининг за Македонија и Албанија како подготовка за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската Унија.

Заменик-претседателот на Владата и главен политички преговарач, но и шеф на делегацијата за преговори со ЕУ, Бујар Османи, министерката за правда, Рената Дескоска, и посебниот советник за евро-атлантски интеграции на претседателот на Владата и главен технички преговарач и шеф на техничкиот преговарачки тим, Бојан Маричиќ, ја предводат владино- државната делегација, составена од 40 експерти, на која Европската комисија ќе ѝ го презентира Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права.

 

Османи, Дескоска и Маричиќ се обратија на отворањето на дводневниот скрининг за Поглавјето 23 во Берлејмонт, подготвени сме за партнерство со ЕУ, друга алтернатива Македонија нема, тројцата беа согласни и ја испратија истата порака.

Вицепремиерот Османи посочи дека почетокот на скрининг-процесот е историски момент и влез на Македонија во последната фаза во процесот на подготовка за преговори за полноправно членство во ЕУ. Дескоска, меѓу другото, рече дека делегацијата е подготвена да ги вложи напорите во процесот на скрининг, а потоа во процес на преговори бидејќи овие напори се инвестиција во мир, просперитет, стабилност и безбедност како инвестиција во развојот на демократијата и заштита на човековите права, инвестиција во безбедна и просперитетна иднина на Македонија.

Маричиќ укажа дека Република Македонија е во клучна фаза на градење на преговарачката структура, која ќе го води процесот на општествена трансформација и промена на однесување, кој е потребен за пристапувањето кон ЕУ, но верува дека партнерски однос со Европската комисија ќе помогне во исполнување на стратешката цел.