Не дојде живот за студентите кои живеат во студентскиот дом „Стив Наумов“. По доаѓањето на новата власт, условите во домот остануваат катастрофални. „Храната е очајна, креветите искршени, таолетите под секое ниво“, коментираат студентите.
По скандалот со големата змија која денес беше фотографирана во домот, екипата на Лидер разговараше со неколку студенти кои ја имаат несреќата да живеат во „Стив“.
Најголем дел од нив, поради притисок од управата, се плашеа пред камера да говорат за условите за живот во овој студентски дом. Од дваесетината студенти кои ги затекнавме во дворот на студентскиот, само една студентка имаше храброст јавно да проговори за очајната состојба. Таа вели дека е чудо што змијата се појавила дури сега, затоа што тревата покрај студентскиот дом не е искосена со месеци.
– Условите се за никаде, тревата не е искосена и затоа се појави змија. Надлежните чекаа да се појави ваква ситуација за да реагираат. Утрово почнаа да ја косат тревата, што се нема случено до сега. Може да видите наоколу и пред другите згради сеуште има неискосена трева. – вели студентката за Лидер.
Чуварот на студентскиот дом, ја спречи екипата на Лидер да ја сними бараката во која утрово се појави змијат, а покрај него цело време беше и претседателот на студентскиот дом „Стив Наумов“, Кирил Манасиев, кој одби да даде изјава за нашиот портал, велејќи ни дека ни е доволно што сме имале изјава од студентите.
Токму Манасиев јавно им ветуваше на студентите уште во 2016 дека на студентите во студентскиот дом ќе им ги подобри условите за живот.
-Едноставно е. „Стив“ ќе го издржам но за да останам во државата, Македонија мора да се грижи и да ми гарантира шанса да успеам! – ова Манасиев го ветуваше како дел од кампањата за парламентарните избори.
Сестрата на Кирил, Ана Манасиева е член на Извршниот одбор на подмладокот на СДСМ
Студентите со кои разговараше Лидер во дворот на Студентскиот дом, откако си заминавме ни јавија дека управничката на зградата им се заканувала ги терала да ги избришат сликите од нивните Фејсбук профили, во спротивно им кажала дека ќе ги избрка од студентскиот дом.
Истата пракса била применувана и претходно кога тие објавувале фотографии од инсекти во храната, расипана храна со поминат рок и други фотографии кои ги покажуваат мизерните услови во домот.