Денешен гостин во емисијата „Утро со Златев“ беше Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Со него се дискутираше за атуелната политичка ситуација: за вакцинацијата, извештајот на Транспаренси Интернешнл, реформите на Бојан Маричиќ и слично.
Една од темите која најмногу се зборуваше беше вакцинацијата на Македонија и вчерашното примање на првите вакцини во Македонија.
Најпрво новинарот Златев заедно со гостинот Стојаноски коментираа за техничките грешки на сајтот за пријавување на вакцинација.
– Вистинско фијаско беше кога го пуштија сајтот за регистрирање за вакцинација. Не само што не можеше да се пристапи на сајтот, туку и неколку часа се чекаше да пристигне кодот на мобилните, вели Стојаноски за Радио Лидер.
Тој вели дека ни еден отсто од заинтересираните не можат да се вакцинираат бидејќи нема доволно вакцини.
– Тие 4000 вакцини кога ги поделите се добива 2000 луѓе, а тоа не е ни еден процент од луѓето кои се заинтересирани за вакцинација, вели пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој завршува велејќи дека Венко Филипче кажувал дека дневно ќе вакцинира по 2000 луѓе, а ако се оди според неговите зборови тоа значи дека за еден ден ќе се потрошат сите вакцини.