Достоинството на македонскиот народ е ставено на тезга од страна на Зоран Заев кој крои нов Устав напишан по грчки инструкции, обвини денеска на прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Владата, министерот Никола Димитров како потписник на договорот и Зоран Заев како договарач на овој документ, мора да престанат со криење. Гласачите мора да ги знаат вистинските факти за да донесат правилна лична одлука на 30-ти септември. Дали се точни информациите дека амандманите се веќе подготвени и се кријат од јавноста? Дали амандманите се напишани од грчката власт и доставени како нон пејпер? Внимавајте, Владата, извршната власт, е должна да одговори дали амандманите се скроени за Уставот и се подготвени не од македонската Влада, туку од грчката Влада и и’ се дадени во форма на нон пејпер на македонските власти? Дали владата ангажирала само пензиониран професор по уставно право, за само технички да ги среди амандманите што им се доставени. Зошто владата прифаќа капитулантски однос Грција да ги пишува амандманите што Собранието на Република Македонија евентуално треба да ги усвои?“, праша Стоилковски.
Тој додаде дека власта во оваа кампања мора да ги даде клучните одговори, да ги запознае граѓаните со клучните моменти за што е Референдумот и да не ги доведува граѓаните во заблуда.