Техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска преку видео обраќање го честиташе Меѓународниот ден на жената велејќи дека е симбол на борбата за сите права и еднаквост на жените во целиот свет.
Според Спасовски, постигнувањето на еднаквоста бара постојаност и упорност од сите нас, а лучна улога во тој процес имаат доброто образование, особено темите за родова еднаквост и недискриминација.
– Празникот не повикува да продолжиме да ги совладуваме конзервативните и застарени принципи за улогата на жената. Да ги менуваме тие принципи и да останеме посветени на тоа сѐ до постигнување на целосната правична родова еднаквост, рече Спасовски.
Тој додаде дека посебно место меѓу приоритетите се и економската и социјалната рамноправност.
– Да не престанеме да се залагаме за создавање услови за економски самостојни девојки и жени. Тоа се услови за нашите мајки, сопруги и ќерки полесно да се справуваат со дискриминацијата, насилството и сиромаштијата, додаде Спасовски.
Општеството, потенцира Спасовски ќе се движи напред со еманципирани жени и девојки и само на тој начин, и со заеднички заложби и учество во овие процеси ќе го зајакнеме општеството на еднакви граѓани и граѓанки по сите основи.