Зијадин Села би поддржал закон кој нема за цел да амнестира некого, туку има за цел постепено да ги гради правото и правната држава.
-Нема да поддржам закон кој се крои за да се заштитат големи политички мечки во државава, вели претседателот на Алијансата за Албанците во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Според него, на Македонија и се потребни предвремени парламентарни избори и вели дека преку еден изборен процес може да се променат работите и да се движат кон правата насока.
-Сите аргументи дека не е време бидејќи нели очекуваме датум за Европска унија итн., се аргументи кои имаат за цел да го држат статус-квото во ова општество. Ако имаме предвид дека едно од најважните прашања за Европската унија се реформите во правниот систем, СЈО итн., тогаш веќе да заклучиме дека причината зошто можеби нема да добиеме датум е фактот што ДУИ е внатре во коалиција со СДСМ и тоа е факторот кој оневозможува да се случуваат вистински реформи од правниот аспект тука во Република Северна Македонија. И имајќи предвид дека изборите конечно ќе ја вратат демократијата во албанското општество и ДУИ ќе си замине во опозиција, мислам дека предвремените парламентарни избори ќе го забрзаат процесот на зачленување на Македонија во ЕУ, вели Села меѓу другото.
Прашан за иднината на СЈО, дали планира безусловна поддршка на предлог – законското решение што би произлегло од преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, тој одговара:
-Јас би поддржал закон кој е за добро на граѓаните на Република Македонија. Јас би подржал закон кој нема за цел да амнестира некого, туку има за цел постепено да ги гради правото и правната држава, тоа ни треба многу како општество и закон кој ќе се крои за да се заштитат големи политички мечки во државава нема да поддржам. – рече Села.