Во новогодишно обраќање до граѓаните, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека пред новата година треба да се потсетиме на тоа што се случуваше во периодот што изминува. Како што истакнува Мицкоски, негова голема желба отсекогаш било да може да направи нешто за својата земја, за неговиот народ да е весел и радосен, затоа што среќата на луѓето е најважна.
– Она што денес го гледаме е далеку од моите, и од вашите желби. Се повеќе тага на лицата, се помалку насмевки. Среќата ја совладуваат неправди, сеприсутната корупција ја разградува радоста, има црнила на секој чекор, измамите владеат. Животот стана руина.
Новата година е и инспирација. Момент на топлина, визија, позитивен амбиент и голем елан. За желбите да станат стварност треба да се бориме, но и да веруваме. Јас ќе се борам до крај, бидејќи верувам во идеалот на обновата.
Верувам дека вие и вашите деца треба да се среќни, да имате добар стандард, стабилност, напредок, правдата да царува, а државата да се грижи за вас. Тоа е обновата. Тоа го посакувам. И тоа ќе го остварам, заедно со вас и пред се за вас, за мојот народ – порачува Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, порача дека годината што следи ќе донесе промени на подобро, дека следува економски бум, дека неправдите ќе бидат поразени, а Европа ќе влезе во Македонија во вистинска смисла на зборот. Принципите ќе важат за сите.
– Следува победа на идеалот за обновата!
Со добри мисли и уште подобри намери, како еден од вас, ништо повеќе и ништо помалку од тоа, како човек, како ваш пријател, сосед, колега, познаник, сонародник, сограѓанин, ве повикувам да уживате во новата година и успесите кои сите заедно ќе ги оствариме и донесеме.
А пред се ви посакувам топол дом, многу убави мисли и прегратки, уште повеќе здравје, бериќет и љубов за секој еден од вас.Нека е среќна, весела и радосна новата 2020 година – порачува Мицкоски.