Македонија 21. јануари 2021. / 10:24

(ВИДЕО) Момировски: НАТО се плаши дека македонската Влада испратила руски играчи во седиштето на алијансата

(ВИДЕО) Момировски: НАТО се плаши дека македонската Влада испратила руски играчи во седиштето на алијансата

Новинарот Горан Момировски во гостувањето во  утринскиот подкаст „Утро со Златев“, на Радио Лидер зборуваше за скандалот со враќањето на полковниот Секуловски  и на нему близок соработник од НАТО, бидејќи не ги поминале безбедносните проверки на алијансата.

„Во првата година од влезот во НАТО, македонската Влада која се колне во членството во НАТО и секој ден го претставува како најголем успех, прави една страшна грешка, дефинитивно се работи за подметнување на кукавичје  јајце. Се работи за системот на владеење на Македонија. Не е  само полковникот Секуловски којшто прв беше дознато дека е вратен од Брисел заради одредени аномалии кај него. Се открива полека дека има уште еден човек, негов асистент којшто бил вратен од таму и најинтересно од се тоа е  мрежа од луѓе, цела структура која што помогнала овие двајца луѓе да заминат во Брисел како воени претставници на Македонија и биле апсолутно премолчени огромен број на факти кои што ги знаеле службите, а сепак овие луѓе отидоа таму и беа вратени од НАТО. Пазете, НАТО да ги врати луѓето затоа што се плашат дека македонската Влада испратила руски играчи во седиштето на НАТО“, вели Момировски.

Тој потенцира дека се апсолутно неточни тврдењата дека опозицијата претходно давала некакви дозволи за тие да заминат во Брисел.

„Не е проблемот само заради полковникот Секуловски и  неговиот прв асистент, се работи за цела мрежа на луѓе коишто се инсталирани на врвни позиции коишто даваат дозволи да заминат овие луѓе коишто ги провериле меѓутоа не кажале се за нивните активности. Имаме ситуација кога човек играл во Брисел тенис со еден од главните оперативци на руската воена разузнавачка служба. Вие не играте тенис со шеф на локално биро,на една од најголемите разузнавачки служби којашто во исто време е ривалска на НАТО доколку немате блиски контакти“, рече Момировски.

Заради ова но и претходни скандали со палење документи во тоалет во Брисел тој е сигурен дека НАТО во наредните 2-3 години нема да и доставува на Македонија доверливи информации.

Целиот разговор со Момировски погледнете го на следнит ЛИНК.